Третолигашите на Истокот покренуваат иницијатива и ќе бараат субвенции од министерството за спорт

Третолигашите на Истокот покренуваат иницијатива со која ќе бараат доделување на субвенции од министерството за спорт. Причината за покренување на иницијативата е изјавата на министерот за спорт Борко Ристовски кој за медиумите рече дека нема да има субвенции на Трета лига во било кој спорт.

„Како што знаете, беше кажано дека воопшто нема да има помош за третолигашите, што значи и за сите нас, што е на некој начин дискриминативен однос (а да не зборуваме за споредбата дали сме биле ние социјални или земјодески категории). Во комуникација со некои од претставниците на третолигашките клубови во Третата фудбалска лига – Исток, сметаме дека треба да се спротивставиме на ваквото минизимирање и негирање на значењето на третолигашкиот фудбал, а тоа секако ќе има некаков ефект само ако се организираме и настапиме заеднички“, се вели во дел од иницијативата.

Според нашите информации клубовите од Трета лига – Исток веќе се во меѓусебен контакт, ќе се изготвува заедничко соопштение со потписи и печати од клубови, а веќе се разговара и за одржување на средба на која би присуствувале претставници од екипите од Трета лига – Исток.

Во следните денови ќе има повеќе информации околу договорот на екипите и околу нивното заедничко делување.

Александар Ванев, М-Нет