
Новата сезона во Третата македонска фудбалска лига – Исток ќе започне на 7 септември, а во истата ќе настапат 12 екипи, со што по неколку сезони одново ќе има поголем број на екипи кои ќе се натпреваруваат на Истокот.
За разлика од ланската сезона кога Слога Виница беше апсолутен фаворит и веќе се беше решено за шампионското место и за баражот, кој тимот од Виница го доби и обезбеди влез во Втората лига, во сезона 2025/2026 не’ очекува голема неизвесна борба на фудбалските терени бидејќи ќе има неколку рамноправни екипи кои ќе атакуваат за првото место.
Во новата сезона ќе се натпреваруваат Овче Поле, Брегалница Делчево, Карбинци, Малеш, Светлост Зрновци, Дојранско Езеро, Тиверија, Ударник, Хоризонт Турново, како и повратниците Победа Валандово и Рудар од Пробиштип, а ќе настапи и Вардарски од Богданци кој минатата сезона експресно испадна од Втора лига.
Изразити фаворити ќе нема, а тоа ќе понуди далеку понеизвесна и поинтересна сезона кога е во прашање првото место кое води кон баражот за можен влез во Втората лига.
По една година пауза одново ќе има фудбал во сениорска конкуренција во Пробиштип, Рудар ќе игра во Трета лига – Исток, а по неколку години пауза се враќа сениорскиот фудбал и во Валандово, Победа ќе биде дел од Трета лига – Исток.
Вардарски минатата сезона заврши на дното во Втората лига и експресно се врати во третолигашкото друштво на Истокот.
Во следниот период ќе се одржи и ждрепката за новата сезона со што ќе бидат познати двојките за првото коло односно целиот распоред.
Третолигашки фудбал на Истокот ќе има во Свети Николе, Делчево, во општина Карбинци, во Берово, во општина Зрновци, во Дојран, Струмица, во Пирава, Турново, Валандово, Пробиштип и Богданци.
Александар Ванев, М-Нет