Томче Илиев си замина од Академија Пандев

Академија Пандев продолжува со „ремонтот“ во тимот за пролетната полусезона во Првата македонска фудбалска лига.

Томче Илиев си заминува од Струмица, откако „пандевци“ и 29-годишниот дефанзивец спогодбено се разделија, па сега Илиев како слободен играч ќе бара нов клуб каде ќе ја продолжи кариерата.

Десниот бек во Академија Пандев пристигна од редовите на Работнички во 2018 година и долги години го носеше дресот на „пандевци“, а претходно во својата кариера има настапувано и за Хоризонт Турново.

Покрај Илиев од Академија Пандев си заминаа и Марко Јовановски, Бојан Најденов, Димитар Митровски, Марко Ѓорѓиевски, Душан Јоковиќ и Виктор Ангелов.

„Пандевци“ одиграа слаба есенска полусезона и се наоѓаат на претпоследното место на табелата, во пролетниот дел ги очекува повеќе од тешка борба за опстанок во Прва лига, а за таа цел се најавени квалитетни засилувања.