
Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и Општина Штип потпишаа меморандум за соработка. Со истиот влијанието ќе биде двонасочно, Општината ќе нуди можности за волонтирање во институциите, а Универзитетот на тој начин преку своите кадри и нивното знаење ќе придонесува за развој на градот и општеството. Градоначалникот, Иван Јорданов, вели дека ова е само еден формален чин на долгогодишната соработка.
„Еден чин со којшто се формализира досегашната соработка, но и можност за продлабочување на соработката којашто како институции е потребно да ја имаме за развој на нашиот град. Досега имаме комуницирано и, еве, со овој чин го ставаме на хартија она што го имаме како замисла за реализирање на заеднички проекти коишто би ги реализирале во периодот којшто следи. Посебно во делот на образованието, размената на знаење којашто е потребна за нас како Општина, а верувам дека доста студенти ќе може да се вклучат преку волонтирање во институциите коишто се по Локална самоуправа“, истакна Јорданов.
Дека студентите и професорите имаат што да понудат за развој на градот и дека има потреба од ваква соработка согласен е и ректорот на Универзитетот, Дејан Мираковски.
„Овој меморандум е формален чекор кон заеднички настап на проекти кон трети страни, кон надворешни донатори, заеднички настап во решавање на многу проблеми, како што споменавме, вклучување на студентите и професорите или на знаењето коешто го поседува Универзитетот во една поширока служба на општеството, на Локалната самоуправа и сите граѓани на градот Штип“, истакна ректорот, Дејан Мираковски.
Според двете страни, меморандумот кој се потпишува предновогодишно е успешно заокружување на овогодинешната соработка, а резултатите од истиот треба да се видат веќе на почетокот на следната 2023 година.
Ребека Спасова М-Нет