Тешкиот распоред на РК Радовиш ќе биде можност за дополнително воигрување на екипата пред важните натпревари

Радовиш по една година во Првата лига се врати во ракометната елита на Македонија, но радовишани на стартот од новата сезона во Суперлига имаат доста тежок распоред. Во првото коло загубија од фаворитот Охрид, им следува гостување во Автокоманда кај Алкалоид, па дома им доаѓа Вардар.

Сепак, ваквиот тежок распоред според тренерот на клубот Спасе Ѓоргиев, вели дека може да им биде предност со цел дополнително да се воиграат пред важните натпревари за нив на кои ќе атакуваат на три бодови.

„Со оглед на околностите во клубот, сплет на некои околности почнавме покасно значи се случуваа некои работи додека да се стабилизира ситуацијата, тоа влијаеше на екипата и распоредот како што се погоди јас ќе кажам дека сепак на нас ни оди во прилог бидејќи на некој начин ни се дава поголемо време за воигрување за припрема на играчите и за натпреварите кои ни се на нас како екипа многу побитни, но сепак и со Охрид одевме на победа. Ние на секој натпревар одиме на победа, колку тоа ќе биде доволно, дали ќе биде доволно за победа ќе видиме. Одиме сега на Алкалоид, ни доаѓа Вардар можам да кажам три од четирите моментално најдобри екипи во Македонија. За нас е предност повеќе време за воигрување и фаќање на права форма за натпреварите коишто ни следуваат значи со Бисинов, Струга, Куманово, како и со екипите на Прилеп, Пролет и Бутел кои што ние нема да се предадеме и ќе одиме на победа“, рече Ѓоргиев за М Нет.

Еден од поискусните играчи на клубот, Иванче Ончев, исто како и тренерот Ѓоргиев смета дека ваквиот тежок распоред за нив во некоја мера и добар со цел да може сите нови играчи да се воиграат и пред важните натпревари да влезат максимално подготвени, иако и на овие мечеви нема да одат со бело знаме.

„Од почеток ни се погоди распоредот таков каков што е тежок, прв ривал Охрид, па потоа одиме на гостување кај Алкалоид сега во сабота, па ни доаѓа Вардар, дури во четвртото коло дома играме со Бутел што мислам дека толку лошо што ни се погоди распоредот толку мислам дека е подобро за нас, бидејќи имаме доста нови играчи во екипата, млади, кои што се желни да се докажат во екипата. Мислам дека на тие три натпревари можеме да се воиграме секако ние одиме максимално на секој натпревар да дадеме се од себе сите и мислам дека точно додека дојде Бутел во четвртото коло дома мислам дека ќе бидеме 80 посто максимум да го дадеме од нас, но и да атакуваме на победа со Бутел. Потоа одиме во гости во Прилеп, дома ни доаѓа Бисинов секако имаме реални шанси, значи ние шансите ги гледаме тука со овие екипи кои би требало да се во плеј-аут, не знаеме се’ уште не е завршена полусезоната и мислам дека на секој натпревар максимално влезени во борба за три бода“, изјави Ончев за М Нет.

Веќе в сабота Радовиш ќе гостува во Автокоманда кај големиот фаворит Алкалоид, кој е предводен од Кирил Лазаров.

Александар Ванев, М-Нет