Текстилец игра во неверојатна форма – штипјани имаат четири од четири, Сокол Саса со тежок пораз, Пролет го доби Овче Поле

Текстилец УГД е најпријатното изненадување во Првата ракометна лига, штипјани имаат четири победи на толку натпревари и максимални осум бодови за прво место.

Текстилец УГД кој неколку сезони гради млад тим, веќе дава ефект резултатот на напорното и посветеното работење во изминатиот период.

Штипјани овој викенд славеше над Шампион во гости со 32:35. За штипјани прво име беше Филип Џинес со седум гола, а пак Кирил Миленков постигна шест гола, за домашниот тим Давид Јовчевски и Живко петровски постигнаа по осум гола.

Радовиш го декласираше тимот на Сокол Саса од Македонска Каменица со убедливи 48:26, во меч каде Костадин Ѓоргиев со осум гола беше прво име кај радовишани, а седум имаше штипјанецот Васе Петров. За тимот од Македонска Каменица најдобар стрелец на натпреварот беше Мирче Ѓеоргиев со десет гола.

Аеродром забележа висока победа во Гостивар над Јехона со резултат од 36:47, додека пак Македонија ЃП со 35:28 го доби Партизан на домашен терен.

Овче Поле беше поразен од Пролет со 30:32, а пак Драчево Јуниор без проблеми со 22:29 забележа победа над дебитантот Илинден. Висок триумф имаше и Вардар Неготино на домашен терен од 31:22 над Преспа.

Во однос на табелата штипски Текстилец е лидер со осум бодови, единствен тим кој има максимален ефект, втор е Пролет со седум бодови, а по шест бодови имаат Македонија ЃП, Аеродром и Драчево Јуниор за делба на третото место. На шестото место е Вардар Неготино е со пет бодови, а по четири бодови имаат Радовиш и Партизан.

По два бодови имаат екипите на Преспа, Илинден, Јехона, Овче Поле и Шампион, а на дното е Сокол Саса како единствен тим без бодови.

Александар Ванев, М-Нет