Тежок меч за ракометарите на Текстилец во Штип гостува фаворитот Младост Богданци, Мулти Есенс домаќин на Овче Поле

Овој викенд започнува пролетниот дел на Првата ракометна лига со натпреварите од 14. коло на група А и група Б.

Екипата на Текстилец вториот дел од сезоната го отвара во Штип, но штипјани ги очекува тежок меч против фаворитот Младост од Богданци, екипа која претендира да го освои второто место и преку бараж да се обиде да влезе во Суперлигата, односно по неколку сезони да се врати во ракометната елита на Македонија.

Тимот од Богданци како голем фаворит само триумф гледа како опција, додека пак штипските ракометари ќе се борат за само третиот сезонски триумф и ќе бидат дел од плеј-аутот.

Ланскиот суперлигаш Вардар Неготино на домашен терен ќе се соочи со тимот на Шампион, каде домаќинот ќе биде со приматот фаворит на натпреварот. Скопско дерби меѓу лидерот во група Б, екипата на Скопје против Македонија ЃП, ова ќе биде и најизрамнетиот дуел во ова рунда. Скопје лани настапуваше во Суперлигата, а сега ќе конкурира за бараж за можно враќање во елитата.

Драчево на домашен терен ќе го пречека тимот на Партизан од Гевгелија, каде домаќинот ќе биде апсолутен фаворит.

Во рамки на групата А во Струмица ќе се одигра дерби од дното на табелата каде Астраион ќе го пречека ланскиот суперлига Аеродром. Овие две екипи имат по една победа и се во долниот дел од табелата, а овој меч го гледат како идеална шанса за само второ сезонско славје.

Кичево на домашен терен ќе го пречека апсолутниот фаворит Еурофарм Пелистер 2, тим кој е прв фаворит за директно експресно враќање во Суперлигата, така да сосема очекувано е тука бодовите да патуваат во Битола.

Екипата на Мулти Есенс која лани беше дел од Суперлигата ќе се соочи со Овче Поле од Свети Николе, во меч каде домашниот тим ќе биде фаворит, а гостинот ќе се обиде да направи изненадување.

Слободни екипи во рамки на првото пролетно коло се Јехона и Металург РА во групата А и Преспа Вардар од Ресен во групата Б.

Александар Ванев, М-Нет