
Струјата нема да поскапи по 1 јануари, уверува министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој вели дека целта е да се заштитат ранливите категории граѓани, а Регулаторната комисија за енергетика ќе може да интервенира во цената, ако се утврди дека пресметките не се направени како што треба.
„Цената на електричната енергија нема да се зголеми и во блоковите и во целина. Моментно се прават анализи од страна на Регулаторната комсија за енергетика и од надлежните институции во делот на блоковите бидејќи сакаме сè повеќе да ги заштитиме ранливите категории граѓани, оние што штедат и оние што се предвидени во согласност со Министерството за труд и социјална политика и, секако, во согласност со она што е предвидено како ниски приходи од страна на Министерство за економија“, рече министерот Бектеши.
Бектеши вели дека на универзалниот снабдувач рокот му истекува наредната година, а постапката за избор на нов е почната. Министерот очекува на новиот распишан тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи да се избере конкурент со помала профитна маржа. На тој начин би можела да се намали и цената на струјата на регулираниот пазар.
„Кон почетокот на наредната година ќе имаме нов универзален снабдувач, се надеваме ќе бидат со пониски маржи согласно со конкуренцијата што ја имаме. Истиот тарифен систем ќе биде од 1 јануари, а надзор прави РКЕ. Согласно став 5 од членот 10 ќе има право РКЕ да интервенира во цената, ако се утврди дека пресметките не се направени како што треба. Кога зборувваме за монопол, ние сами сме одлучиле да имаме регулирана цена во делот на електричната енергија со цел да ги заштитиме домаќинствата и малите потрошувачи. Спротивното ќе беше да одиме на берза и да имаме пазарни цени кои моментно се двојно повисоки од цената што ја нуди ЕСМ“, додава Бектеши.
Претседателот на Регулаторна соопшти дека цената на струјата ќе ја утврдува ЕВН Хоум, а Регулаторна само ќе проверува дали правилно се применети тарифните системи. Бектеши, пак ,вели дека последниот збор за цената ќе го има Регулаторна откако пресметките за цената ќе бидат доставени до неа.
Ребека Спасова М-Нет