
Баба Сисоко од Мали, реномиран перкусионист, денеска е во Штип на првото издание на УГД Фестивалот на перкусии на светот. Тој уште како дете свирел тамани на различни традиционални церемонии, бил на меѓународна турнеја со престижен оркастар, а основал и трио со што започнал интензивно да соработува со врвни уметници од целиот свет. До денес има снимено и издадено повеќе од пет албуми, предавал и традиционален тапан во Брисел и водел конференции за Универзитетот во Калабрија.
„Фестивалот на перкусии од светот ќе трае само еден ден, имаме само еден гостин, но многу специјален, еден од најголемите африкански музичари, Баба Сисоко. Баба Сисоко е најголем мајстор на инструментот „тамани“, соработувал со сите најголеми имиња од Африка“, вели Тони Китановски, композитор и гитарист.
Професорот Китановски вели дека Баба Сисоко е вторпат во Македонија. Од 12 часот се одржа мастер клас за сите заинтересирани млади уметници, а концертот во 20:00 часот. Триото на Баба Сисоко ги слави сопствените култури, а вклучува и блуз, џез и рок елементи.
„Вчера дојдовме, врне, малку фати и темница. Тој е вторпат во Македонија, беше во април во Битола и во Скопје и, секако, ќе доаѓа пак, штом доаѓа, сигурно му се допаѓа. Ќе продолжи оваа соработка“, додава Китановски.
Ова е единствена манифестација од ваков вид во регионов и пошироко, а има стремеж да прерасне во значаен регионален и културен настан.
Ребека Спасова М-Нет