
Шкендија од Арачиново испиша нова страница во својата клупска историја и го оствари долгоочекуваниот сон – пласман во Првата македонска фудбалска лига. Клубот формиран во 1977 година и по скоро половина век избори пласман во ,,елитата”. Во незаборавна драма во Кавадарци, арачиновскиот тим го совлада Пелистер по изведувањето на пенали и обезбеди место меѓу најдобрите македонски клубови.
Апсолутен херој на натпреварот беше голманот Антонио Столески, кој со фантастична партија го носеше својот тим до успехот. Чуварот на мрежата блесна во пенал-серијата, одбранувајќи дури три удари од белата точка и еден пенал во регуларниот дел и заслужено го понесе епитетот човек на одлуката.
По големата борба и неизвесност што траеше до последниот момент, победничкиот пенал за Шкендија го реализираше Енис Дервиши, предизвикувајќи ерупција од радост кај фудбалерите, стручниот штаб и навивачите на клубот.
Со овој успех, Шкендија Арачиново го круниса својот долгогодишен труд и за првпат во својата историја ќе настапува во елитното македонско фудбалско друштво. Денот ќе остане запишан со златни букви во клупските анали, а голманот Антонио Столески ќе биде запаметен како човекот кој со своите одбрани го отвори патот кон историскиот успех.