
Асистенција за слепите лица сѐ уште е едно од основните барања кои ги имаат со цел и тие да може да излезат од дома, да се социјализираат и да го живеат животот. Здружението на слепи лица во Штип, веќе подолго време зборува за потребата од асистенти за да може на некој начин нормално да функционираат и лицата со проблеми во видот. Драги Витанов посочува дека се организираат и разни активности и манифестации во и надвор од државата со што се подобрува начинот на живеење и на слепите лица.
„Барем дел од денот да имаат човек кој ќе асистира за некои најбитни потреби. Една од тие битни потреби е да излезе слепото лице од дома, да прошета и да се социјализира. За таа цел покрај асистенцијата, активности кои ги подготвуваме се посети на повеќе градови во државата и надвор од неа.“ – вели Витанов.
Проблем е и ограничувањето на старосната граница. Согласно законските измени, асистенти може да имаат лица од 6 до 65 години, а не како порано од 18 години до длабока старост. Витанов е дециден дека асистенти им се потребни и на лицата над 65 години и бара ова да биде променето.
„Личната асистенција порано ја користеа лица од 18 години до длабока старост. Овојпат направија промена во парламентот и донесоа одлука, таа бенифиција да ја користат лица од 6 до 65 години. Ова е проблем, оти што со лицата над 65 години и на нив им треба асистенција“ – додава Витанов.
Решение се бара и за слепите лица над 65 години кои немаат доволно стаж и не земаат пензија. Живеат само со средства по однос инвалитет и тоа не е доволно, додава Витанов, барањата на слепите лица треба да бидат слушнати и на тој начин да им се помогне и на нив.
Лаура Стојанова М-Нет