
Кочани, Пехчево и Берово се општините од Истокот во кои годинава ќе се организираат манифестации поддржани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Министерот Николовски денеска ги додели потпишаните договори и посочи дека истите ќе придонесат за зачувување на традицијата и промоција на убавините во државата.
„Нова можност за речиси сите општини во државата. Ќе се организираат настани со промотивен карактер за зачувување на традицијата, локалните обичаи, домашната храна, земјоделското производство, автохтоните раси, екологијата и природните убавини на нашата земја. Жените-фармери кои ние силно ги поддржуваме и оваа година ќе имаат можност заедно да ја продолжиме традицијата. Ќе го промовираме и Мариово како оаза за органска храна, а оваа година ќе имаме и вино на штикли. Сето ова ќе придонесе за поголема туристичка постеност, афирмација на убавините на државата и промоција на познати и непознати дестинации, идеални за развојна на руралното, а нив ги имаме многу“, истакна Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Николовски потенцираше дека малите производители се во фокус за да се помогне нивниот развој. За таа цел се распишуваат и јавни огласи чија таргет-група се токму малите производители, а дека ги има многу покажува и фактот што на еден од повиците имало над 170 апликации.
„Оваа земја е плодна и родна, секој крај има своја традиција. Вино од Тиквешијата, компири од беровско, млеко од битолско, праски од Росоман, јаболка од Преспа, ракија од валандовско, смокви од Дојран, тутун од Прилепско, жито од Пелагонија и од Полог. Имаме сè и ќе имаме уште повеќе. Нашата поддршка е со цел сите локални манифестации, саеми и фестивали да придонесат кон остварување на уште повисоки резултати, а тоа е малите производители, кои секогаш се присутни на ваквите манифестации, да добијат можност да ги претстават своите производи“, додаде Николовски.
Минатата година за локални манифестации, саеми и фестивали се потпишале 47 договори, што значи дека годинава ќе се организираат 20 нови настани со поддршка на Министерството.
Ребека Спасова М-Нет