Матурантите од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани на последен класен час и матурска вечер

Генерација која е подготвена да се соочува со секакви предизвици и да се прилагодува на новите текови. Вака директорот Љубомир Гацов и професорката Весна Ефремова зборуваа за генерацијата 2019 – 2023 од СОУ „Љупчо Сантов“ во Кочани, која вчеравечер ја прослави својата матурска вечер. Наставниот кадар им посака успех на патот кон постигнување на своите лични цели и посочија дека се надеваат оти матурантите ќе ги паметат средношколските денови.

„Оваа вечер 140 матуранти распоредени во две економски, правна и трговска струка и гимназиско образование, по четири паралелки. Имаме околу 140 матуранти, коишто го завршуваат ова четиригодишно средно образование“, истакна Љубомир Гацов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

„Ние како наставен кадар и како СОУ „Љупчо Сантов“ сме горди како и секоја година да завршиме една ваква генерација, која се надеваме дека ќе биде успешна и дека понатаму цел живот ќе ги паметат овие средношколски денови во нашето училиште. Голема благодарност до целиот наставен кадар за организацијата на оваа вечер, која, се надевам, ќе ја паметат цел живот и ќе одат по патот кон постигнување на своите лични цели“, вели Весна Ефремова.

Матурантите, пак, кои вчера продефилираа во дворот на училиштето за деновите зад нив имаа само пофални зборови. Секој со свој план, ќе одберат насока во високото образование со цел да се остварат во својата посакувана кариера.

Директорот и наставниците се со став дека матурантите сепак успешно се справиле со периодот на ковид-пандемијата и „онлајн“ наставата, но особено значајно за нив е што последните две години, па и овој последен класен час и матурската вечер ги одржуваат со физичко присуство.

Ребека Спасова М-Нет