Со земјоделство и сточарство има за еден живот – но во село Панчарево останаа само повозрасните

Жителите на село Панчарево, пехчевско се занимаваат претежно со земјоделство и сточарство иако овие дејности се доста намалени во последните години. Сточарството било поактуелно во минатото, а сега бројот на стока е во опаѓање со иселувањето на младите. Жителите наместо да се занимаваат со земјоделство или сточарство, сега одат на работа во градовите. Но, задоволни се од ваквиот начин на живот и велат има доволно за една живеачлка.

„Прилично луѓето се занимаваат со земјоделие, но повеќето одат на работа, сите сме вработени. Одиме или во Пехчево или во Делчево на работа. Има и сточарство, имаше порано стока многу се чуваше, ама сега по иселувањето на младите нема кој да чува, иако тука има живот. “ – велат жителите.

Повозрасните жители велат целиот свој живот го поминале овде. Нивните деца заминале да работат или во градовите или надовор од државата, но тие се децидни дека ако се работи посветено и овде има доволно за живот.

„Ние сме тука родени, тука живееме. Арно е. Се живее од земјоделство и сточарство, јас немам ама останатите имаат“ – додаваат жителите.

Дел од нив и ден денеска се занимаваат со сточарство и пред се одгледуваат крави,. Но, велат не е како некогаш, кравите се шталски и се одгледуваат машински, а млекото се продава во две млекари и тоа по цена која е исплатлива за нив.

„Не е тешко, има машини и на тој начин ги чуваме кравите. Повеќе ги чуваме дома, шталски. Млекото се продава. Исплатливо е.“ – велат жителите.

Селото Панчарево се наоѓа во областа Пијанец, во крајниот северен дел на територијата на општина Пехчево, чиј атар се допира со подрачјето на соседната општина Делчево, како и со државаната гранична линија со Бугарија. Селото е ридско-планинско, а куќите се издигаат на надморска височина од 800 до 1.000 метри. Бројот на жителите во селото за дваесетина години, од претпоследниот до последниот Попис, се намалил за безмалку двесте. Во 2002 година овде имало 375 жители, сите Македонци, а во 2021 година во селото живееле 205 жители, од кои 185 Македонци и 20 лица без податоци.

Лаура Стојанова М-Нет