
Во недела ќе се одржи државното кик-бокс првенство во Скопје, а на истото свој настап ќе има и Викторија Варадинова, која настапува за скопскиот кик-бокс клуб „Шампион“ под менторство на тренерот Дејан Митровски – Урко.
Варадинова ќе настапи во две категории, киклајт до 65 кг и лоукик до 65 кг.
Варадинова е успешна кик-боксерка која 10 години по ред е државен првак во своите категории односно од 2013 година до 2023 година, а Варадинова за телевизија М Нет вели дека се надева да го продолжи тој тек на резултати.

22-годишната Варадинова со тренирање на кик-бокс започнала на неполни 12 години, нашата млада успешна кик-боксерка е носител на бронзен медал од последното Европско првенство, а во својата кариера има големи резултати.

Во 2022 година на Европското првенство одржано во Анталија, Турција, Варадинова го освои третото место односно се закити со бронзен медал во дисциплината киклајт до 65 кг, каде што во четвртфиналната борба ја победи репрезентативката на Италија, додека пак во полуфиналната борба загуби од репрезентативката на Унгарија, која подоцна таа го освои Европското првенство.
Варадинова е бронзен медалист од Европското првенство во дисциплина лоукик до 60 кг кое се одржа во Скопје во 2017 година, брозен медалист во 2018 година на Светското првенство во дисциплина К1 до 65 кг, кое се одржа во Италија, како и освоени повеќе Европски и Светски купови во дисциплините киклајт, лоукик и К1.

Варадинова е репрезентативец на Македонија веќе 6 години, а како што кажавме таа настапува во КБК „Шампион“ од Скопје под раководство на тренерот Дејан Митровски – Урко.
Варадинова за време на подготовките за претстојното државно првенство се подготвуваше и во Штип, каде покрај Дејан Митровски – Урко, на Варадинова ѝ помагаше тренерот на КБК „Гладијатори-Фајт“ од Штип, Шенол Асанов.
Александар Ванев, М-Нет