
Со громогласни аплаузи, насолзени очи и големи емоции, заврши четириесеттото, јубилејно издание на најстариот и најпрестижниот фестивал на забавни мелодии во земјава – Макфест во Штип. Три вечери, градот беше домакин на гости од целата држава. Оваа година, фестивалот донесе свеж бран млади пејачи и нови хитови во првите две вечери, а третата вечер беше вистинско патување низ времето со безвременските рефрени кои некогаш го создаваа духот на македонската забавна музика. Од општината велат дека оваа традиција ќе продолжи и во годините кои што следуваат, а општината ќе продолжи заедно со министерството за култура да го развива овој македонски бренд.
Макфест, чија приказна започна во осумдесеттите години, останува симбол на музичката традиција и љубовта кон песната. Еден од неговите основачи, Стојан Троицки, вели дека зад секое издание стои многу труд, посветеност, луѓе и финансиска поддршка, но и огромна желба фестивалот да живее и понатаму.
На јубилејната сцена беа доделени и плакети и благодарници на сите што низ децениите придонеле за развојот и опстанокот на овој фестивал, кој за Штип значи многу повеќе од музика; тоа е дел од неговиот идентитет, гордост и традиција.
Со ова, Макфест уште еднаш докажа дека вистинската песна никогаш не старее, таа живее во срцата на публиката, во аплаузите и во спомените на генерации љубители на македонската музика.
Иван Митев, М-Нет