Експлозии се слушаат во Штип како резултат на вежби кои се спроведуваат на Криволак

Речиси една седмица се слушаат детонации во Штип, како во центарот така и во приградските штипски населби. Наутро и навечер, реагираат граѓаните, се слушаат детонации, кои ги вознемируваат, па прашуваат за што точно станува збор. Вакви прашања беа упатени до нашата редакција, па прашавме и во МВР. Од таму во писмено соопштение истакнаа дека станува збор за вежби кои се изведуваат на полигонот Криволак.

„На 26.10.2025 во СВР Штип e пријавено дека на место викано „8 Километар” во атар на Штип се слушале силни звуци слични на експлозија, а кои се слушале од с.Драгоево. По преземени мерки, од Полициската станица Неготино добиено е известување дека детонациите се од полигонот во Криволак, каде што припадниците на македонската армија и на американската војска имале воена вежба.“ – велат од Министерството за внатрешни работи.

Вежбата вклучува координиран оган, интеграција на нови беспилотни системи и извршување на командно-контролни процедури во динамична и комплексна средина. Припадниците на бригадата го усовршуваат своето знаење и тактики во реални услови, известуваат од АРМ.

Вежбата ќе продолжи и денеска и утре.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет