
Штип ќе биде домаќин на вториот Фестивал за млади пијанисти „Golden Piano Talents“. Пијанисти од Израел, Италија, Монголија, Чешка, Полска, Шпанија, Србија, Турција, Германија, Холандија и Македонија ќе настапат на двете фестивалски вечери од Фестивалот кој привлече огромен интерес во светската пијанистичка фела. Во рамките на Фестивалот ќе се одржат осум рецитала и два концерта, утре и в сабота. Организатор на Фестивалот е Интернационалното здружение за културен развој и едукација „Арт Фест“, а директорката на Здружението, м-р Марија Максимова, посочува дека викендов Штип ќе биде светски центар на пијанизмот, ретка можност да се слушнат толку млади и интернационално докажани пијанисти на едно место.
„Основната идеја за организација на фестивал од ваков тип беше да направиме нешто за градот, односно музички настан на интернационално ниво со што би ја приближиле публиката до класичната музика, односно да го приближиме светското музичко наследство до сите љубители на музиката преку промовирање на млади одлични пијанисти и на дела за пијано со висока уметничка вредност. Воедно, фестивалов претставува подиум и поттик за понатамошна работа на младите пијанисти, како и дружба, мотивација и разменување на искуства меѓу пијанистите и менторите од различна возраст и националност. Јас, како член на жири-комисиите на повеќе натпревари, можам слободно да кажам дека овие млади пијанисти се едни од победниците на многу натпревари и иако на толку мала возраст, тие веќе имаат изградено своја кариера и успешно концертираат сегде низ светот. Токму поради тоа, овој фестивал претставува ретка можност да ги слушнеме конечно и кај нас, а тоа ќе биде токму тука кај нас во Штип.“ – вели Максимова.
Во двата дена со почеток од 17:00 часот рецитали ќе одржат светски пијанисти, вториот ден ќе се одржи и концерт на македонски млади пијанисти, а големиот церемонијален концерт на победниците е на 23 септември со почеток од 20:00 часот. На големиот концерт ќе настапат пијанисти од 12 земји и тогаш ќе се врачат медалите, плакетите, дипломите и паричните награди на младите пијанисти и нивните ментори.
Во организацијата на Фестивалот помогнаа неколку институции и бизнис секторот, со што публиката в петок и сабота ќе може да ужива во квалитетни музички изведби. Влезот на Фестивалот е бесплатен.
Ребека Спасова М-Нет