
Во тек се последните подготовки за овогодинешната „Штипска пастрмалијада“. На сцената која денеска се поставува на добропознатата локација во населбата Осми ноември ќе настапат познати македонски и балкански имиња, кои ќе ги забавуваат штипјани, но и гостите од околните градови, кои градоначалникот, Иван Јорданов, очекува да ги има во голем број. Посочи дека градот е подготвен, а повика на масовна присутност.
„Од денес се вршат последните подготовки за одржување на познатата манифестација „Пастрмалијада, 2023“. Традицијата продолжува, овој викенд Штип ќе биде центарот на Македонија, очекуваме многу гости, добра забава, многу продадени и изедени пастрмалии. За сето ова коешто го нудиме, ќе се погрижат домашни и балкански ѕвезди коишто ќе настапат в петок и в сабота. Оваа прилика ја користам да ги поканам и повикам сите наши сограѓани утревечер и в сабота вечер да се приклучат, да бидат дел од оваа манифестација, но и сите граѓани на Република Македонија коишто, се надевам, ќе го посетат Штип овој викенд и ќе бидат дел од оваа убава забава на којашто ќе се промовира нашиот најпознат и највкусен пренд, штипската пастрмалија“, порача Јорданов.
Пастрмалиите годинава ќе се продаваат по цена од 200 денари за 250 грама тесто и 150 грама месо. Се поставуваат триесетина штандови, на кои се очекуваат десетици илјади гости.
„За разлика од лани оваа година имаме за 30% поголем интерес. Дефинитивно, сите штандови се издадени, дури има побарување и за некои нови коишто во последен момент се јавуваат и бараат слободно место да ги изложат производите, да го рекламираат својот бренд и правиме напори да можеме на сите да им излеземе во пресрет, да им овозможиме позиција каде што ќе може да го постават својот штанд“, истакна Александар Арсовски, прв човек на организацискиот одбор.
За веќеопределени протоколи во однос на возилата при влез во градот се организирани екипите на ЈП „Стипион“. Паркингот во градот ќе се наплаќа до 15:00 часот и в петок и в сабота, а потоа ќе биде бесплатен на секоја паркинг-позиција.
Ребека Спасова М-Нет