
Штипските градинки веќе една недела се со нови директори. На чело на детската градинка „Вера Циривири Трена“ е Ивана Арсов, а прв човек на детската градинка „Астибо“ е Илија Митров. Двајцата директори на позицијата се од 12 септември. Митров доаѓа од позиција стручен соработник – музички педагог, а Арсов претходно била советник сметководител. Од Општина Штип во однос на причината за овие директорски промени велат дека станува збор за зајакнување на капацитетите.
„Општина Штип работи во насока на зајакнување на капацитетите на сите институции под наша надлежност, а во исто време сакаме да дадеме можност на поголем број луѓе да бидат дел од оваа успешна приказна која Општината ја испишува во текот на овој мандат.“ – велат од Општина Штип.
Претходните директорки, Ивана Ангеличкова на „Вера Циривири Трена“ и Наташа Мусева на градинката „Астибо“, на оваа функција беа нешто повеќе од една година, а беа назначени откако истече четиригодишниот мандат на претходните директорки.
Ова е втор случај оваа локална власт во Штип да менува директор по вторпат, по првиот случај во штипската Гимназија. Останатите директори во штипските образовни установи на функцијата се од почетокот на мандатот на локалната власт.
Ребека Спасова М-Нет