
Од наредната година треба да функционира Скада системот во Општина Штип. На ваков начин ќе се работи на мониторинг, контрола и управување со водоводниот систем на територија на општината. Моментално се собираат и разгледуваат понудите од страна на операторите, за потоа да се пристапи и кон изведба на Скада системот.
„Со огромно задоволство можам да најавам дека проектот кој го најавив со моето назначување за в.д. директор на ЈП Исар, а тоа е имплементирање на системот за мониторинг, контрола и управување на водоводниот систем на територија на Општина Штип или попознат како СКАДА систем е во фаза на еваулација на пристигнатите понуди од операторите. По завршувањето на оваа активност ќе пристапиме кон изведба на самиот систе“ – вели Арсовски.
Имплементација на Скада системот во Штип е капитален проект со кој драстично ќе се намали загубата на вода за пиење. Но, се работи и на програмата за наредната 2026 година, во која треба да се најдат и други капитални проекти. Како што истакна директорот Арсовски и догодина ќе бидат променети голем број водоводни и канализациони мрежи на територија на Штип.
„Освен СКАДА системот сега ја работиме програмата која треба да биде донесена некаде во декември. Несомнено граѓаните може да очекуваат дека и во 2026 година ќе бидат променети поголем број на водоводни и канализациони мрежи на целата територија на Штип“ – додава Арсовски.
Во меѓувреме се очекува со проектите и активности кои секојдневно се преземаат на терен, Штип за една година целосно да го реши проблемот со водоснабдувањето во градот.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет