
Олабавување на мерките препорача Комисијата за заразни болести со три нови предлога. Имено, на денешната седница се разговараше за задолжителното носење маски во училиштата, поседувањето сертификати и исполнетоста на објектите со што Комисијата донесе три заклучока поради стабилизацијата на епидемиолошката состојба.
Ученикот нема обврска за носење на маски во училиштата. Но, ако некој сака да носи маска, тоа е негов личен избор. Ваквата одлука е донесена поради моментната состојба, но останува препораката за вакцинација, потенцираше Петличковски.
„Сакам да потенцирам дека оваа моментална состојба ни дава простор малку да здивнеме, но во тој простор кога здивнуваме апсолутно ќе се посветиме на рекламирање на вакцинацијата и на објаснување зошто ние не ја заклучивме пандемијата, ние не знаеме што ќе се случи по месец дена, а не по два или три месеца. А во ова време вакцинацијата ни останува клучната алатка во борба против пандемијата. Имавме малку интензивирање и праќање пораки, а тоа ќе засилиме, бидејќи дава резултат“, истакна претседателот Петличковски.
Денешните одлуки Комисијата ќе ги препорача на Главниот кризен штаб, од каде ќе мора да поминат на Влада.
Ребека Спасова М-Нет