Се празнува Свети Прокопиј – заштитник од природни непогоди

Православните христијани денеска го одбележуваат празникот посветен на Светиот великомаченик Прокопиј, еден од најпочитуваните христијански светители и маченици од почетокот на четвртиот век.

Според црковното предание, Прокопиј најпрвин бил римски војсководец. По чудесно видение го прифатил христијанството и јавно ја исповедал својата вера. Поради тоа бил изложен на тешки маки и на крајот маченички пострадал, оставајќи пример за храброст, истрајност и непоколеблива вера.

Во народната традиција, Свети Прокопиј се смета за еден од поголемите летни празници. Во многу македонски семејства постои верување дека денот треба да се помине во мир, молитва и со најблиските, а да се избегнуваат тешки физички и полски работи.

Според народните верувања, работата на овој ден не е препорачлива, бидејќи се верува дека непочитувањето на празникот може да донесе невреме, град или други природни непогоди што би им наштетиле на посевите и родот. Токму затоа, многумина го сметаат Свети Прокопиј за „тежок празник“ и го одбележуваат со воздржување од работа.

Во некои краеви на Македонија верниците палат свеќи за здравје и благосостојба, се молат за бериќетна година и за заштита на домот и семејството. Иако овие обичаи се дел од народната традиција, тие и денес се пренесуваат од генерација на генерација.

Во православните храмови денеска се служат богослужби во чест на Светиот великомаченик Прокопиј, а верниците го одбележуваат празникот со молитва, почит и духовен мир.

Иван Митев, М-Нет