СДСМ: Дали раководството на ЈП „Исар“ Штип бара помош за да продолжи со ујдурмите?

Според ОО СДСМ, новиот менаџмент на ЈП „Исар“ е способно само да се жали и да бара поддршка од Централната власт. Долгот кој тие како претходен состав го затекнале бил поголем, а до таква состојба дошло оти раководствата на ВМРО ДПМНЕ нанеле огромни штети на претпријатието. Сепак, како што велат од СДСМ, и покрај лошата финансиска состојба, тие реализирале изградба на најмодерната филтер станица, но и го обновиле возниот парк, инвестирале во поправки и го снабдиле јавното претпријатие со шест нови камиони, нов липкер и метларка.

„Долгот за струја беше над 25 мил денари. Тоа што не знаат да ги сервисираат долговите, нека не се користи како алиби, а раскинувањето на договорот од снабдувачот не е само по тој основ. Едноставно, треба да преземат активности за да се справат со енергетската криза. Актуелниот менаџмент треба да се заблагодари на инвестицијата за најмодерна филтер станица во која и лежи решение за оваа криза. Дали актуелното раководство на ЈП „Исар“ бара финансиска помош за да продолжи со нивните ујдурми и вдомување на своите сестри, браќа, кумашини и останати роднини? Тоа нема да се случи. На актуелното раководство на ЈП „Исар“ му порачуваме: Започнете да работете, а не градот да тоне во ѓубре, во несредени паркови, бројни дефекти на водоводна и канализациона мрежа, затоа што народот не е должен да страда поради вашата неспособност.“ – стои во писмената реакција од СДСМ.

Ребека Спасова М-Нет