Во населбата Железничка во Штип утре традиционално ќе се запали василичарскиот оган

Традиционалниот василичарски оган во населбата Железничка во Штип ќе се запали и годинава. Жителите од населбата и оваа година ќе се соберат кај Железничката станица со храна, пијалоци, традиционалното лепче со паричка и огнот кој секоја година се пали овде на празникот Василица или Стара нова година.

„Василица ја одбележуваме со тоа што утревечер сите ќе се собереме овде и ќе се пали оган. Оганот ќе се запали во 19:00 часот, а околу 18:00 часот ќе почне програмата. Славската погача ќе се крши во 18:30 часот. Оној во кого ќе се падне паричката, ќе биде кум. Ние од Урбаната заедница му подаруваме христијански крст како знак за благодарност. Целата манифестација ќе биде убава, благодарност до спонзорите коишто ни помогнаа да ја организираме оваа манифестација“, истакна Нако Михаилов, Претседател на УЗ Железничка.

Вака во Железничка празникот се одбележува речиси три децении. Како и во други населби, така и овде Василица се одбележува со организирање на народен собир, суроварски оган и општонародна веселба. Последниве неколку години ситуацијата е малку поразлична поради пандемијата, но традицијата не изостанува, па од Урбаната заедница апелираат на почитување на протоколите.

„Нема промени, традиционално е секогаш исто. Сега посочуваме да внимаваат на протоколите за заштита од Ковид – 19, граѓаните знаат. Ние го поканивме градоначалникот на град Штип и сите политички партии. Не знам дали ќе дојдат, ама ние како УЗ ја исполнивме нашата обврска, ги поканивме“, додава Михаилов.

Инаку празникот низ Штип и државата се одбележува пропратен со многу традиционални обичаи што се практикуваат, од карневали до василичарски огнови. Денот меѓу народот е познат како Василица, затоа што се паѓа на денот кога православната црква го слави денот посветен на светецот Василиј Велики. Празникот се одбележува во зависност од традициите во разни региони во државата. Денот уште е познат и како Стара нова година, која тогаш се дочекува, бидејќи според јулијанскиот календар на 14 јануари започнува православната година.

Ребека Спасова МНет