Свети Николе или Валандово, кој ќе гледа второлигашки фудбал?

Во Трета лига – Исток остана само една дилема – дали Овче Поле или Победа Валандово ќе биде шампион и со тоа да игра бараж за влез во Втора лига.

Дали Свети Николе или Валандово ќе гледа второлигашки фудбал, но на крај може ништо од тоа да се оствари ако шампион на Трета лига – Исток не го помине второлигашкиот бараж.

Овче Поле е лидер во Трета лига – Исток со 37 бодови на своето конто, а пак Победа Валандово е втора со 29 бодови, но тимот од Валандово има три натпревари помалку во однос на екипата од Свети Николе.

Ако овие три натпревари ги добијат „калинкарите“ тогаш ќе бидат пред „овчарите“ на табелата во Трета лига – Исток.

Сега од тимот на Овче Поле се надеваат барем на еден „кикс“ на Победа за да може да останат на првото место, а пак тимот од Валандово се надева дека ќе ги добие трите натпревари и ќе се врати на првото место.

Овче Поле во сезона 2021/2022 беше шампион на Трета лига – Исток и играше бараж за влез во Втора лига, но тогаш беше декласиран од Арсими, кој сега стигна да игра и Прва лига, а Овче Поле се обидува да се врати во Втора лига по долги години.

Победа Валандовo последен пат во Втора лига се натпреваруваше во сезона 2017/2018 кога заврши на деветтото место во Втора лига – Исток и експресно испадна во Трета лига.

Александар Ванев, М-Нет