
Каменица Саса го крои ростерот за новата сезона од Втората македонска фудбалска лига, а за таа цел раководството на тимот работи да го задржи костурот на тимот за следната сезона.
Дарко Алексовски, Мартин Димоски и Александар Смилков ставија потписи на нови договори и ја продолжуваат соработката и за следната сезона во дресот на Каменица Саса.
Екипата лани до последното коло се бореше за опстанок и на последниот меч го потврди директниот опстанок, па веќе се работи сериозно на градење на тим со цел Саса да не се доведе одново во ситуација кога во последното коло ќе го бара опстанокот во второлигашкото друштво.
Штипското дуо Алексовски или познат како Пеле и Димоски познат како Робен се искусни фудбалери со прволигашко искуство. 33-годишниот Алексовски во својата кариера има настапувано за Вардар Неготино, Детонит Плачковица, Силекс, Кит Го од Пехчево и штипскки Баби, а настапуваше и за Модрича од Босна и Херцеговина.
33-годишниот Димоски во својата кариера беше дел од Вардар Неготино, Детонит Плачковица, Силекс, Кит Го од Пехчево, штипски Баби, а имаше авантура и во Шведска.
Смилков кој има 21 година одигра одлична полусезона во дресот на Саса со неколку клучни погодоци, а во својата кариера претходно беше дел и од Детонит Плачковица, а настапуваше за младинските категории на Брегалница и Брера Струмица.
Стартот на подготовките е планиран кон почетокот од месец јули, а веќе се работи на ангажирање на нови играчи и на договарање на пријателски натпревари преку кои ќе се темпира формата за новата сезона.
Саса минатата сезона имаше многу турболенции, но успеа да се избори за директен опстанок откако заврши на 13-тото место со 29 бодови на своето конто.
Александар Ванев, М-Нет