Садниците на влезот во Кочани исушени, Илијев вели ќе се засадат нови

Пред речиси половина година влезот на град Кочани беше уреден со дрворед од туја садници кои требаше да му дадат подобар изглед на градот. Со садењето на овие дрвја се предвидуваше влезот  во Кочани од двете страни да биде со зеленило кое од своја стана има свои позитивности. Замисленото беше остварено и дрвјата своето место го најдоа токму покрај патот на излезот од Кочани веднаш над стадионот и градскиот базен, долж улицата „Димитар Влахов“ до спојот со улицата „Павлина Велјанова“. По некое време на социјалните мрежи излегоа статуси во кој се потенцираше дека несовесни граѓани украле дел од садниците. Локалната самоуправа во Кочани донесе нови дрвја и повторно ги засади на празните места. Ама изгледа на садниците просторот не им се допадна, месец потоа дел од дрвјата покажуваат знаци на сушење, а дел од нив сосема се исушени. Првиот човек на Општина Кочани, Николчо Илијев вели и покрај сите напори кои се направени за да преживеат дрвјата, тоа не се случи.

„Првин ние таму засадивме поголема количина садници. Навистина јавното претпријатие правеше огромни напори, ги вадеше секојдневно меѓутоа очигледно дека огромната суша го направи своето. Не знам од кои причини, но можам да ви кажам и дома се што засадивме ние околу дворот кај мене сите до едно се исушија. Значи, проблемот е на друго место не знам каде меѓутоа верувајте дека ние максимално посветено работевме и се однесувавме и ќе ги замениме истите, повоторно ќе засадиме“ – додаде Илијев.

Овие садници беа засадени во пресрет на денот на екологијата, а свое место покрај патот тогаш најдоа шеесетина садници. Дрвјата беа дел од програмата за заштита на животната средина, проект за кој беа обезбедени повеќе средства споредбено со лани.

Лаура Стојанова М-Нет