РФМ ја промени одлуката: Баражот меѓу Младост и Струга наместо во Радовиш ќе се игра во Бутел

ФОТО: Александар Ванев | АРХИВА

Наместо во Радовиш бараж натпреварот за ракоментата Супер лига меѓу Младост од Богданци и Струга ќе се игра во салата „Антон Димитров“ во Бутел, Скопје.

Иако првично беше најавено дека овој меч ќе се игра во Радовиш, сепак Ракометнета федерација на Македонија преку ново соопштение истакна дека овој меч ќе се игра во Бутел.

Од федерацијата истакнаа дека ваквата одлука е со цел обезбедување на највисоко ниво на транспарентност, еднакви услови за натпреварување и непречена организација на бараж натпреварите за пласман во Супер лигата, за што од РФМ истакнаа дека ја донеле одлуката за промена на местото на одигрување на бараж натпреварот во машка конкуренција.

Натпреварот меѓу Младост и Струга ќе се игра утре со почеток од 19 часот.

Младост како второпласиран во Првата лига ќе се бори за враќање во елитата, а пак Струга која заврши на претпоследното место во плеј-аутот ќе се бори за опстанок.

Одлуката за бараж натпреварот за влез во женската Супер лига меѓу Пелистер и Ѓорче Петров 2 останува да се одигра во Радовиш, а тој меч е закажан, исто така за утре со почеток од 17:30 часот.

Тимот на Пелистер ќе бара опстанок во елитата, а Ѓорче Петров 2 влез во Супер лигата за следната сезона.

Александар Ванев, М-Нет