Херојот на Шкендија Арачиново, голманот Антонио Столевски специјалист за баражи: Три од три!

Голманот Антонио Столевски е вистински специјалист за бараж натпревари, 24-годишниот прилепчанец трет бараж меч во низа решава, но последниот е за историја на Шкендија Арачиново и влез во Прва лига.

Шкендија Арачиново го доби бараж дуелот со Пелистер и обезбеди историски влез во елитата, а Пелистер испадна во Втора лига, а најголемите заслуги одат за Столевски, кој успеа да одбрани пет пенали на самиот меч.

Столевски првиот бараж меч го доби со матичниот клуб Победа против Куманово за опстанок во Втора лига, вториот бараж меч беше со Слога Виница против Преспа за влез во Втора лига, а третиот како голман на Шкендија Арачиново се истакна како вистински „пантер“ и обезбеди историја со тимот од Арачиново.

„Мене ми е овој трет натпревар во низа. Првиот бараж натпревар ми беше со мојот матичен клуб Победа кој го игравме со Куманово и тој беше доста возбудлив натпревар. Тогаш бев капитен на екипата исто така имав голема заслуга за тој бараж со Куманово. Втор бараж ми беше со екипата на Слога Виница против Преспа, исто така го добивме тој бараж. Но, можам да кажам дека од овие три баражи овој ми беше еден од повозбудливите баражи, имав доста многу работа и обезбедив овој клуб да биде Прва лига“, рече Столевски.

Столевски вели дека не е лесно да се одбранат пет пенали на ваков тежок меч.

„Не е лесно толку да се одбранат пет пенали на ваков тежок натпревар и на тешки играчи кои се квалитетни и искусни, имаа и неколку репрезентативци, не беше толку лесно да се одбранат пет пенали“, вели Столевски.

Столевски вели дека заслугата е на целиот тим за овој голем историски успех.

„Чувството е феноменално да бидеш на ваков натпревар херој. Но, јас ќе кажам дека ова не е само моја заслуга, ова е заслуга на целата моја екипа, на цел стручен штаб и заедно дојдовме до оваа цел да бидеме дел од Прва лига“, рече Столевски.

Херојот на голот на Шкендија Арачиново вели дека од првиот ден одлично бил прифатен во тимот, дополнува оти се надевам дека ќе ја продолжи соработката со тимот од Арачиново.

„Се надевам дека ќе продолжам со соработка со овој клуб. Ми се допадна тоа како сум примен тука уште од првиот ден, можам да им кажам на нашите љубители на овој клуб дека ќе продолжиме заедно кон нови успеси“, дополнува Столевски.

Сонот на Столевски е да заигра за репрезентацијата на Македонија, нешто кон што цели како перспективен голман.

„Можам да кажам дека мојот омилен идол е од фудбалскиот клуб Милан, Мајк Мењан. Цел и сон ми е да обезбеден место во македонската репрезентација. Навивачите нека продолжат да го бодрат овој клуб кој што заслужува и дојдовме до оваа историја која ја сакаа тие, се виде и на славјето за Прва лига како овие луѓе го сакат фудбалот“, заклучи Столевски.

Шкендија Арачиново за првпат следната сезона ќе игра во Прва лига, а најголемите заслуги одат за голманот Антонио Столевски.

Александар Ванев, М-Нет