
Денес стартуваше пролетниот дел и во Трета лига – Југ со натпреварите од 12. коло. Најголемото изненадување го направи некогашниот второлигаш Росоман кој со 3:1 на домашен терен го „тресна“ лидерот Големо Коњари, а од овој „кикс“ најмногу профитираше Борец кој застана на врвот од табелата во Трета лига – Југ.
На полувреме домашиот тим со голот на Петар Николов имаше водство од 1:0. Во вториот дел притисокот беше кај гостинот кој ги посакуваше трите бодови, но во случајот и со бод ќе беше задоволен од оваа тешко гостување. Стефан Костовски во 65. минута зголеми на 2:0. Неизвесноста барем за бод ја врати Блеранд Ќамили кој беше прецизен во 78. минута за 2:1, а две минути подоцна Слободан Дуков погоди за 3:1.
Во 84. минута гостинот остана и без искусниот Мустафа Селманоски, беше исклучен од игра.
Борец сосема очекувано триумфираше над „фенерџијата“ Бучин со сигурни 0:3. На полувреме некогашниот прволигаш од Велес имаше водство од 0:1 со голот на Јосиф Манасиев. Во вториот дел со два брзи гола на Пеце Стојанов и Стојанче Костадиновски гостинот имаше сигурно водство од 0:3, а резултат кој на крајот се покажа како конечен.
Во финишот од мечот Бојан Стојанов заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра, но тоа немаше влијание во играта и резултатот.
Maрена на домашен терен забележа голем пораз откако со 0:3 беше поразена од Питу Гули од Крушево. Алимоски беше двоен стрелец, а Стрезовски беше стрелец на третиот гол.
Слога на домашен терен во вториот дел со голот на Музафер Алиоски во 68. минута дојде до минимален триумф над Младост од Кривогаштани.
Локомотива на домашниот терен во Градско претрпе пораз од Ултрас од 1:3, во меч каде за гостинот Христијан Свртиновски постигна хет-трик во првиот дел. Во второто полувреме Ѓунет Усеинов беше стрелец за конечни 1:3.
Во првото пролетно коло слободна беше екипата на Превалец.
Нов лидер на табелата е Борец од Велес со 26 бодови, на второто место е есенскиот шампион Големо Коњари со бод помалку односно 25 бодови. На третото место е Превалец со 23 бодови, четврт е Росоман со 22 бодови.
Младост е на 5. место со 17 бодови, Питу Гули е на шестото место со 14 бодови, Слога е седма со 13 бодови, колку што има и Ултрас кој е осми. На деветтото место е Марена со 11 бодови, Локомотива е претпоследна со седум бодови, а на дното без бодови е Бучин.
Александар Ванев, М-Нет