
Овој викенд беа подиграни натпреварите од 15. коло од Третата македонска фудбалска лига. Фаворитите според очекуваното забележаа победи и освоија три бодови.
Лидерот Куманово лесно триумфираше над Петровец и забележа триумф од 0:3. Ринор Исени и Дарио Десниќ погодија за 0:2 за рано водство. Во финишот на мечот Дамјан Антевски само ја потврди убедливата победа за конечните 0:3.
Еуромилк ГЛ во вториот дел го доби дербито со Фортуна откако Андреј Јаневски во 57. минута најпрво погоди за 1:0, додека пак новото засилување, искусниот Филип Петковски во 69. минута постигна гол за конечни 2:0. Ова беше дуел на двете екипи кои го делеа третото место, па вака веќе Еуромилк ГЛ заедно со Шкендија Арачиново ќе притискаат за врвот каде што е Куманово.
Шкендија Арачиново потешко од очекуваното го доби дербито со БВК Коњаре откако со минимални 1:0 запиша прв пролетен триумф. Стрелец на победничкиот гол кој падна во 15. минута беше Руфат Чалафи.
Аеродром на домашен терен со 2:1 го доби Бутел во дербито од долниот дел на табелата за опстанок во Трета лига – Север. Домашниот тим преку Пешовски погоди за 1:0, а по пет минути односно во 20. минута Илиевски постигна гол за 1:1.
Во судиското надополнување на првиот дел Поповски погоди за 2:1, а во вториот дел мрежите мируваа и на двете страни.
Ланскиот второлигаш Локомотива Пехчево со 4:2 беше сигурен во дуелот со Риниа. Ангелковски и Васиќ погодија за 2:0 на полувреме. Во вториот дел домашниот тим стигна до 4:0, откако Голубов и Мехмети беа стрелци. Гостите преку двата гола на Арифи само го ублажија поразот на конечните 4:2.
Башкими Љуботен го доби дуелот со „фенерџијата“ ССК Нова со резултат од 3:1. Гостинот преку Зафировски уште во 10. минута погоди за 1:0, а Мамути седум минути подоцна за 1:1. Во вториот дел Јусуфи постигна гол за пресврт и водство на Башкими Љуботен од 2:1, а во 72. минута Мамути со втор гол ги постави конечните 3:1 со што трите бодови останаа дома.
Некогашниот второлигаш Кадино и Беса Влазрими ги поделија бодовите играјќи 2:2. Гостинот преку Харун Касуми дојдоа до 0:2, а Петар Попоски постигна гол за 1:2 на полувреме. Во вториот дел Теодор Стојановски ги постави конечните 2:2.
Во однос на табелата лидер е Куманово со 40 бодови, Шкендија Арачиново е втора со 36 бодови, трет е Еуромилк со 36 бодови, на 4. место е Фортуна со 32 бодови, а на 5. место е БВК Коњаре со 29 бодови.
Кадино е на шестото место со 26 бодови, Беса Влазрими е седма со 23 бодови, Башкими Љуботен е осми со 18 бодови, Локомотива Пехчево е на деветтото место со 17 бодови, Риниа е на 10. место со 16 бодови. Аеродром е на 11. место со 11 бодови, Бутел е на 12-тото место со осум бодови, Петровец е претпоследен со 6 бодови, а на последното 14-то место е ССК Нова без бодови.
Александар Ванев, М-Нет