
Со доделување признанија за наставниците и свечена Академија денеска во Штип се одбележа Денот на учителот 5 октомври. Настанот е традиционален и се одржува секоја година по ред, со цел да се покаже значењето и вредноста на наставникот во самото општество. Градоначалникот на општината Иван Јорданов, упати посебна благодарност до наставниците, за нивниот придонес во образованието.
,,Благодариме за вашиот труд и трпение. Благодариме за вашето трпение што им го пренесувате вашето знаење на младите. Пред се, благодариме за тоа што секојдневно вложувате дел од себе во создавањето на идни генерации. Нема посветла иднина без добро образование, нема добро образование без просветните учители и работнции. Вашата работа не завршува со наставната програма, со учебникот и училишниот час. Вие не создавате само ученици. Вие ги создавате идните генерации. Тие се генерациите кои што ке носат одлуки, ќе превземаат одговорност, ќе ја градат нашата држава, нашата општината и ќе придонесуваат за развојот на нашето општество. Токму затоа вашиот придонес е не проценлив. Свесен сум дека трудот на еден учител не може целосно да се измери, ниту со бројки, ниту со финансиски средства.“, вели Јорданов
Од говорницата, градоначалникот Јорданов рече дека во изминатите две години општината вовела систем за наградување и стипенирање на учениците во градот, кои благодарение на наставниците постигнале извонредни резултати.
,,Затоа сум особено горд што Општина Штип во изминатите години, за првпат воведе систем за наградување и стипендирање на нашите ученици, кои со ваше менторство и поддршка постигнаа извонредни резултати. Тие ученици не се само наши најуспешни претставници, тие се нашите амбасадори. Зад секое признание, успех стои многу повеќе од талентот на еден ученик.“, додава Јорданов
Инаку, настанот и годинава се одржа во Општина Штип, а мегу присутни беа и претставници на МОН, сектор за образование од општината, професори, учители, како и директори на училишта.
Иван Митев, М-Нет