Родителите на загинатите деца од Пулс денеска започнаа со најавените блокади во Кочани

Денеска се одржа првиот мирен јавен собир и блокада на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15  часот, се додека не започне судењето.

Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.

-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.