
Одбојкарките на Работнички Скопје изборија пласман во големото финале на Првата женска лига, каде ќе ја бранат шампионската титула освоена минатата сезона. Во „мајсторката“ од полуфиналната серија, скопскиот тим убедливо го совлада Наковски Волеј со 3:0 (25:17, 25:23, 25:23), и со вкупен резултат 2:1 во победи го завери финалниот билет.
За разлика од првите две средби од серијата, кои завршија по пет сета, овојпат во салата „Борис Трајковски“ девојките на тренерот Душко Деспотовски влегоа цврсто и мотивирано, демонстрирајќи зрелост и шампионски карактер во клучниот дуел. Работнички одигра контролиран меч од почеток до крај, не дозволувајќи му на противникот да влезе во ритам, и покрај обидите на Наковски Волеј да се врати во игра.
Во финалето, Работнички Скопје ќе се соочи со Јанта Волеј КВ, кој со 2:0 во победи го елиминираше составот на Фит Фан Волеј. Финалната серија започнува на 26 април (сабота) и ќе се игра на три добиени натпревари.
Александар Ванев, М-Нет