
Проблемот повторно актуелен на иста локација. Крави пустошеле во дворовите и лозјата на граѓаните кои имаат имоти во месноста Суитлак во Штип. За проблемот и претходно се алармираше, а граѓаните велеа дека со истиот се соочуваат повеќе од пет години и исто толкав период решение нема. Претходно за ова реагираа и општинските власти, со тоа што за да им излезат во пресрет на жителите комуницираа и со Агенцијата за храна и ветеринарство. Во овој случај, пак, велат дека нивната надлежност е делумна и за конечно решение треба реакција од сите надлежни институции.
„По подолг извесен период, кога за првпат жителите на населба Суитлак изреагираа во врска со кравите кои нанесуваа штета во нивните домови, интервениравме согласно со нашите надлежности и успешно го решивме овој проблем до ден денес. По реакција на граѓаните, повторно биле пуштени кравите во оваа населба, па затоа ние како Општина во консултација со комуналниот инспектор и комуникација со другите надлежни институции, како што се ветеринарните инспектори и МВР – СВР Штип, се надеваме дека успешно и позитивно ќе го решиме овој проблем.“ – одговорија од Општината.
Од СВР Штип, пак, во врска со овој случај потврдуваат дека пријава има. Кај нив истата пристигнала во 11:00 часот, кога приватно лице поднело поплака против друго лице кое чувало крупен добиток – крави и ги пуштало во имотот на пријавителот каде правеле штети. По истата пријава, додаваат од таму полициски службеници од СВР Штип биле на терен и се постапува по истата.
Ребека Спасова М-Нет