Остануваат ли патарините со исти цени? – Бочварски вели немаат анализи

Министерството за транспорт и врски нема анализи за тоа каква треба да биде цената на патарините во државата. Во другите региони цените растат, кај нас се исти, одговори министерот Бочварски прашан дали патарините ќе поскапат. Тој потенцира оти за патните правци се потребни финансиски средства, кои се прибираат токму преку наплатата на патната такса.

„Сметам дека во овој момент инвестираме многу повеќе во делот на изградбата на патната инфраструктура отколку што тоа го добива ЈПДП. Само неколку патни правци би сакал да споменам. Делницата на Коридорот 8 од Кичево до Охрид изнесува 600 милиони евра, експресниот пат Градско – Прилеп е со вредност од над 50 милиони евра, на превојот Плетвар патниот правец е преку 5 милиони евра, експресниот пат Штип – Радовиш беше со сума од 64 милиони евра. Ова се нови патни правци коишто се реализираат токму со средства коишто државата ги прибрала од наплатата на патната такса“, вели Бочварски.

Бочварски додава дека ценовните шокови се одразија и врз градежните материјали и токму од таа причина не смее во прашање да се доведе ликвидноста на претпријатието. Доколку сакаме да имаме модерни и безбедни патишта, потенцира Бочварски, важно е да се продолжи со изградба со силна динамика.

„Овие турбулентни времиња и овие ценовни шокови коишто се случија, навистина, направија проблем во целиот систем на градењето и градежништвото. Тоа во најголем дел се почувствува кај патната инфраструктура, бидејќи цените на градежните материјали во текот на оваа година осцилираа, се качија енормно. Тоа направи проблем во реализацијата на капиталните проекти, но ние во ниту еден момент не запревме ниту еден проект поради овој проблем или поради растот на цените, бидејќи се одржува ликвидноста“, истакна Бочварски.

Анализите покажуваат дека приходот од патарини на Јавното претпријатие за државни патишта до крајот на годинава ќе достигне над 50 милиони евра. Со овој податок годинава е рекордна во однос на ваквиот приход.

Ребека Спасова М-Нет