Пуштен во употреба спортскиот терен во склоп на медицинското училиште во Штип

Пуштено во употреба мултифункционалното игралиште во рамки на СОУ „Јане Сандански“ во Штип и последно за оваа година. Според градоначалникот Јорданов, годинава значително се работеше на нови спортски терени, а со ваква динамика ќе се продолжи и во следната 2023 година со цел жителите од сите населби и места да се мотивираат за спортување.

„Станува збор за повеќенаменски спортски терен со специјализирана тартан подлога за фудбал и кошарка, којшто е целосно ограден и е од средства на ова средно медицинско училиште, во износ од 1,7 милиони денари. Дефинитивно ја подобруваме спортската инфраструктура на територија на општина Штип. Ова ќе значи многу и за учениците од Училиштето, коишто наставата ќе ја следат и на отворено во соодветни временски услови. Исто така, и околните жители, коишто живеат покрај ова спортско игралиште, ќе може да го користат. При крај сме на оваа календарска година, реализиравме многу спортски терени, ќе продолжиме со иста динамика и во следната година“, вели Јорданов.

Задоволството од нов простор за спортските часови на учениците го искажа и директорката на медицинското училиште, Марија Николиќ. Според неа, на овој начин училиштето ќе придонесе за развој на спортот кај жителите во овој дел од градот.

„Чест ми е што денес сме тука заедно со претставници од Општината и градоначалникот да го отвориме ова мултифункционално игралиште. Целта е да се промовира здравиот начин на живот кај младите и се надеваме дека со ова игралиште ќе придонесеме и ние како училиште“, истакна Николиќ.

Ова еден од неколкуте клучни проекти кои се реализираа во тековната година во ова училиште. Во изминатиов период се санираше системот за парно греење, а се замени и заштитната ограда на училиштето. Директорката Николиќ заклучува дека со овој проект календарската година е успешно заокружена.

Ребека Спасова М-Нет