
Општина Пробиштип изработи нова проектна документација на која работеа експерти, а следниот месец ќе има и јавна расправа на која граѓаните ќе го видат предлог-решението за најгорчливиот проблем на градот. Наместо потенцијално жариште на болести, односно јаловишна депонија, ќе се постави фотоволтаична централа, а со тоа Пробиштип ќе биде редок пример. Градоначалникот Анастасов вели дека постапката која е во тек ќе заврши најдоцна во месец ноември.
„Постојат повеќе решенија, но со оглед на тоа што Пробиштип е индустриска општина, со оглед на тоа што Пробиштип е еден од водечките градови во делот на обновливи извори, односно одговара самата надморска височина. Електродистрибутивниот систем може поднесе еден таков приклучок и сакавме да бидеме редок пример, жариштето да се санира, а потоа да се изгради фотоволтаична централа. Како што ги имам информациите, октомври или ноември ќе ја завршиме постапката во делот на самиот генерален план“, истакна Анастасов.
Во првата фаза површината ќе се санира и со тоа ќе се реши еколошкиот проблем, а во втората фаза ќе биде поставувањето на фотоволтаичната централа. Со решавањето на овој проблем се става крај на еколошката катастрофа во градот, како и загадувањето на почвата од атмосферските води.
Ребека Спасова М-Нет