Матичните лекари почнаа да препишуваат терапија која досега ја даваа само специјалисти

Пациентите кои имаат потреба од терапија за контрола на крвниот притисок, масти кај дијабетичарите, лекови за контрола на стма и хоб и контрола на хипотиреодизмот можат да ги добијат со посета на матичен лекар. Со новата реформа, која е во пракса од денес, повеќе нема да се оди кај лекар специјалист. Министерот за здравство, Меџити, денеска беше во посета на матичен лекар за да провери како се спроведува новиот начин на работа.

„Започнаме реформска мерка со која овозможуваме матичните лекари да препишуваат терапија за своите пациенти. Со ова постигнуваме неколку суштински промени, како за пациентите, така и за здравствените работници. Прво, го олеснуваме административниот товар на матичните лекари, тие повеќе нема да треба да пополнуваат административни документи и со тоа да препраќаат пациенти“, истакна министерот Меџити.

Ваквата реформа е, како што вели Меџити, заради тоа што матичните лекари добро ја познаваат здравствената состојба на пациентите и развојот на заболувањето, бидејќи се често во контакт со нив. Координаторот на реформите, д-р Злате Мехмедовиќ, вели дека ова е процес што ќе трае три години и ништо нема да се случи преку ноќ. Тој најави дека се размислува да се дискутира можноста за закажување кај матичен лекар преку системот на „Мој термин“.

„Споменавте дали ќе се прошири листата на лекови, да, ќе се прошири, меѓутоа согласно со онаа програма којашто ја имаме зацртано во реформите. Да обезбедиме квалитет преку веќеисреирани протоколи коишто ќе гарантираат точно кога и како може да се препишуваат одредени лекови. Тоа е за заштита на безбедноста на пациентите и за правна заштита на лекарите. Сакаме да ги обезбедиме тие два аспекта за да имаме безбедно здравство“, истакна д-р Злате Мехмедовиќ.

Ова е првата етапа од реформата, матичните лекари препишуваат терапија. Втората етапа предвидува матичните лекари да направат упат за лабораториски анализи, а потоа ќе има и други мерки за чија имплементација е потребно повеќе време. Издавањето на упати за посложени лабораториски анализи е најавено за околу еден месец.

Ребека Спасова М-Нет