Прилеп и Велес со третолигашки фудбал, на Истокот дерби натпревари

Во многу големи фудбалски центри во сезона 2026/2027 нема да има ниту второлигашки фудбал – најфудбалскиот град Прилеп остана и без второлигашки фудбал, неизвесната судбина на Победа заврши во третолигашка конкуренција на Југот.

Победа која по испаѓањето од Прва лига во сезона 2022/2023 продолжи да оди кон тешка борба за опстанок и во Втора лига. Во сезона 2023/2024 екипата на Победа играше и бараж за опстанок и со триумф над Куманово остана во Втора лига, во сезона 2024/2025 успеа до директен опстанок полна со предзвици, но сезоната која измина не беше според посакуваното, дури за време на зимската пауза Победа беше под прашалник дали и ќе продолжи со натпреварување.

Ниту Велес нема да следи второлигашки фудбал, Борец стана шампион во Трета лига – Југ но во баражот беше убедливо совлада од Кожуф кој останува во Втора лига. Борец по испаѓањето од Прва лига во сезона 2021/2022 никако не успеа да се стабилизира.

Следната сезона тимот заврши на дното во Втора лига со само два освоени бодови и испадна во Трета лига – Југ. Веќе следната сезона успеа да стане шампион во третолигашката конкуренција и преку бараж се врати во Втора лига, но се задржа само една сезона, тоа беше сезона 2024/2025 кога Борец како претпоследен испадна во Трета лига.

Без Втора лига остана и Македонска Каменица, Виница, Неготино, како и Преспа, откако екипите на Каменица Саса, Слога, Вардар и Преспа се преселија во Трета лига.

Следна сезона во Трета лига – Југ ќе се натпреваруваат поранешни прволигаши како Победа и Борец, а тука друштво ќе им прават и поранешните второлигаши Вардар Неготино и Големо Коњари.

Во Трета лига – Исток ќе има дерби меѓу Каменица Саса и Слога Виница, а во овој ранг на натпреварувања е и поранешниот вицешампион на Македонија, Хоризонт Турново, како и поранешниот прволигаш Брегалница од Делчево. На Истокот дерби натпревари ќе има во Виница, Делчево, Берово и Македонска Каменица.

Александар Ванев, М-Нет