Претреси во Штип и Скопје поврзани со УГД – осомничен раководител на ИТ-секторот, Универзитетот со нулта толеранција за корупцијата

Претреси на повеќе локации во Штип и Скопје спроведува полицијата во рамки на истрага против раководителот на информатичкиот сектор при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Акцијата следува по сомнежите за неовластени интервенции во електронската евиденција на студентите, меѓу кои менување испитни бодови, бришење оценки и овозможување запишување семестри без исполнување на потребните услови.

Од Министерството за внатрешни работи официјално потврдија дека постапуваат по судска наредба, обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип.

„Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела ‘злоупотреба на службената положба и овластување’ и ‘оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем’ од страна на Р.Т. раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип.“, соопштуваат од МВР

Оттаму најавуваат дека по целосното завршување на акцијата ќе ја известат јавноста за понатамошниот тек на постапката.

Дури се водат истрагите, од УГД Штип велат дека имаат нулта толеранција за корупцијата и злоупотребите во академската заедница, потенцирајки дека ваквите и сличи случаи се во насока да се обезбеди поквалитетно и пообјективно студирање.

„УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница и сметаме дека ваквите и слични случаи се во насока да се обезбеди подобро, поквалитетно и пообјективно студирање. Како јавна високообразовна институција ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет. УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени.

УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè.“, соопштуваат од универзитетот

Дополнитело од универзитетот ја уверуваат академската заедница, пред се студентите, наставниот кадар, како и пошироката јавност, дека универзитетот останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост, и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави. Велат дека нивен приоритет продолжуваат да бидат наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со низа реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат наш приоритет.

Иван Митев, М-Нет