
Православните христијани на 19 декември го празнуваат големиот празник посветен на светецот Никола. При неговото крстење го добил името Никола кое во превод значи народен победник. Тој се одликувал со голема побожност и ревност во верата, а уште како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото Писмо.
„Живеел крајот на трети и почетокот на четврти век, бил исполнет со големо смирение, големи дарови на чудотворна моќ, на исцеленија, молитвено застапништво на христијаните и како добар и смирен пастир на неговото стадо. Неговиот избор бил интересен кога светите отци не можеле никако да изберат епископ, бидејќи претходниот се упокоил. На еден од апостолите му дошол Христос и му рекол дека кој прв ќе влезе во црквата, тој се вика Никола и ќе го поставите за архипастир ваш.“ – раскажува свештеникот, Добрица Јанев.
На свети Никола му се препишуваат голем број чуда поттикнати од силната вера. Тој учествувал на првиот вселенски собор во Никеја каде што храбро се спротиставил на богохулењата, по што бил отстранет од истиот.
Инаку, штипската православна црква со особена чест и посветеност го празнува овој празник, бидејќи свети Никола се смета за заштитник на градот. Од таа причина во текот на вечерните часови од денешниот ден се одржуваат свечена празнична богослужба и свечена академија. Свечена богослужбена литургија ќе има и утре наутро.
„Утре божествената литургија ќе започне во 08:00 часот, а на истата ќе чиноначелствуваат митрополитите Иларион и Агатангел и епископот Матеј, а ќе имаме и голема духовна радост, бидејќи ќе бидат донесени дел од моштите на свети Никола, дел од неговата рака.“ – додава Јанев.
Поради ваквите негови особини свети Никола се смета за особено значаен апологет на христијанството и пример за почитување, ревност и љубов кон Христос.
Ребека Спасова МНет