Грешка на изведувачот ги стави вон функција тоалетите во ООУ „Тошо Арсов“ Штип. Веќе неколку месеци дел од тоалетите во училиштето не фунционираат, иако станува збор за реконструирани тоалети. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, истакна дека ја утврдиле ситуацијата при последната посета, но изведувачот не одговарал на повиците на надзорот.
„Изведувачот не се придржувал на стандардите, нешто коешто во пракса е провлекува со години на повеќе градежни места, на најразлични активности од страна изведувачите, не само во ова училиште, туку и во останатата инфраструктура во нашиот град. Затоа реагирав на настаната состојба, побаравме од надзорот да се произнесе, да прати допис до изведувачот во рок на пет работни дена проблемот да биде решен, односно да биде саниран дефектот во тоалетите и истите да бидат ставени во функција“, истакна Јорданов.
Директорката на училиштето, Фросина Маџарова, неколку месеци била надвор од работни обрски од оправдани причини. Поради тоа разговор со Јорданов остварија пред неколку дена и реагираа за решавање на случајот. Во спротивно, како што напомена Јорданов, ќе се бара друг изведувач.
„Доколку изминат овие пет работни дена, а не се коригираат состојбите и настанатиот дефект, ќе се активира банкарската гаранција којашто ја има дадено и ќе се избере соодветен изведувач на овие градежни активности и тоалетите во ООУ „Тошо Арсов“ ќе бидат реконструирани и ставени во функција“, додаде Јорданов.
Јорданов најави решавање на проблемот за неколку дена, а како што рече, она што е причина за брзо решавање е секако пандемијата во која е зголемена потребата за миење раце кај учениците. Инаку, ваквите и слични проблеми беа детектирани пред неколку дена при посетата на Јорданов во основните училишта.
Ребека Спасова МНет