Почнува акција за отстранување на хаварисани и нерегистрирани возила кои се паркирани на јавни површини во Штип

Општина Штип почнува со отсранување на хаварисани и нерегистрирани возила од паркинг површините во централното градско подрачје. Акцијата се спроведува, бидејќи во изминатиот период на територијата на општина Штип се забележува зголемено сторување на прекршоци од областа, кое што е регулирано согласно одлуката за комунален ред на општина Штип. Лазар Хаџи-Николов и Борче Везенков од Одделението за комунални дејности во општина Штип на денешната прес-конференција истакнаа дека се забележува прекршување на членот 101,согласно кој што се забранува на јавни паркиралишта и на јавни површини да се паркираат и оставаат возила кои што се оштетени, хаварисани, исто така возила кои што се без регистрациски таблички или пак возила на кои што регистрацијата им е измината, односно не се регистрирани.

,,На овие површини исто така е забрането да се оставаат и паркираат земјоделска механизација и приклучна механизација, како и камп приколки и приколки.Како што напоменав, изминатиот период на повеќе места се детектира сторување на овој вид на прекршок, па заради тоа, како една од функциите на инспекцијата е превентивно, односно да ја информираме јавноста преку медиумите дека во наредниот период ќе се преземат инспекциски надзори, согласно кои што инспекциски надзори ќе се контролира точно, односно прекршувањето на овие одредби коишто се предвидени согласно Одлуката за комунален ред на Општина Штип”,-вели Хаџи Николов.

Борче Везенков, комунален инспектор во општина Штип додава дека од почетокот на годината до денеска имаат евидентирано околу 80 возила на кои што претходно се оставени опомени. Ако не се почитува одлуката, хаварисаните возила ќе бидат однесени во Новакова Чешма. Везенков појаснува дека сопствениците на хаварисаните возила, доколку сакаат да си ги подигнат возилата, ќе треба да платат 3.000 денари, по што истите ќе им бидат вратени.

,,По, одлуката за комунален ред возилата се дислоцираат во Новакова Чешма, во магацините на ЈП „Стипион“ и потоа доколку прекршителите, односно сопствениците на возилата, на тие хаварисани возила сакаат да ги подигнат, потребно е да уплатат финансиски средства од 3.000 денари за да си го подигнат истото возило значи назад“-рече Везенков.

Тој упати апел до сите граѓани, доколку нивните возила не се во возна состојба, односно не се регистрирани, да не ги оставаат на бележаните јавни површини во централното градско подрачје и исто така и пред колективните станбени објекти.

Ева Тушевска, М-Нет