Почина Киро Герасимов – новинар, поет, публицист и преведувач од Кочани

Синоќа, на 71-годишна возраст, во родното Кочани почина Киро Герасимов – новинар, поет, публицист и преведувач. Роден во Кочани во 1951 година, од богатата кариера зад себе остави плејада литература, новинарски текстови и преводи. Герасимов завршил Филолошки факултет во Скопје на македонска книжевност. Потоа работеше како новинар – уредник, своевремено како професор по македонски јазик и директор на Домот за култура „Бели мугри“, а со новинарство се занимаваше сѐ до пензионирањето.

Автор е на шеесетина книги поезија и проза, книги од областа на историографијата, археологијата, театарот, музиката и спортот. Печат од своето писателско перо остава и врз десетина сценарија за телевизиски и радио – емисии, стотина репортажи, документарни емисии и илјадници новинарски прилози.

Освен како автор, Герасимов се јавува и како собирач на народни умотворби од Источна Македонија. Објавува и препеви на словенечки јазик, а и неговата поезија е преведена на повеќе јазици.

Во последно време работеше на едицијата „Богатство запишано во времето“, а неговата последна книга со наслов „Зборува Радио Кочани“ беше промовирана на 16 март годинава.

За неговите успеси сведочат Годишната награда за новинарство, Седмосептемвриската награда на град Кочани и голем број други награди за поезија и проза.

Кочанчани ќе го паметат по бројните репортажи и емисии за луѓе и настани од кочанско и делата посветени на културниот живот во Кочани.

Посмртните останки ќе бидат погребани в четврток, на 19 мај, на Градските гробишта во Кочани.

Ребека Спасова М-Нет