
Македонската, српската и хрватската Боречка федерација ќе спроведат боречка академија за обучување на младите. Делегацијата на македонската Боречка федерација викендов во Република Хрватска на воведен состанок го започна новиот проект помеѓу овие три држави. Проектот ќе трае две години, а ќе опфати млади надежни спортисти и тренери, особено со помали финансиски можности. Според претседателот на македонската Боречка федерација, Дејан Богданов, преку ваквите обуки се трасира добар пат, а соработката допрва почнува.
„Оваа соработка со овие федерации ќе продолжи и понатаму, бидејќи траела и претходно. Ова е еден почеток помеѓу трите федерации, ние само што почнуваме да аплицираме на вакви проекти. Мислам дека нашата Федерација ќе биде многу задоволна, ќе има голема ефикасност и ќе има една обука со која мислам дека сме на добар пат преку којшто ќе имаме добра едукација на сите спортисти и тренери“, истакна Богданов.
Антидопинг, исхрана, заштита од повреди и „фер плеј“ се темите на кои ќе се стави акцент во текот на обуките, кои ќе опфатат 60 млади надежни спортисти и 30 тренери од сите држави подеднакво, односно по 20 спортисти и 10 тренери од секоја држава. Според претседателот на српската Боречка федерација, Жељко Трајковиќ, целта е да се унапреди квалитетот на борењето како спорт преку добра едукација.
„Особено задоволство ми е. Како што знаете, нашата соработка трае со години, но сега јасно се дефинираат темите и тоа, сигурно, ќе го унапреди квалитетот на нашиот спорт и заинтересираноста на младите низ подобра едукација, подобро информирање. Ќе го постигнеме вистинскиот ефект со спроведувањето на овој проект. Воведниот состанок беше одличен, темите се обработени, продолжуваме по овој пат, за кој е јасно дека е вистински. Темите се баш содржајни, што се однесува до борењето како спорт, што ќе даде квалитет и ќе придонесе за поголема масовност, квалитетна работа и резултати на овие простор“, истакна Трајковиќ.
Воведниот состанок се одржа викендов во Пореч, Р. Хрватска, а планирани се уште три обуки во секоја од државите. Првата обука е во септември, во Србија, понатаму следува обуката во Македонија, која ќе се одржи во февруари 2023 година, а завршната обука ќе биде во Хрватска во мај 2023 година. Ова е прв ваков проект за македонската Боречка федерација, а финансиски е поддржан од Европската Унија и Еразмус+ програмата за спорт.
Ребека Спасова М-Нет