Построги правила за игрите на среќа: Собранието го изгласа новиот закон

Оддалеченост од најмалку 500 метри од основните и средните училишта, забрана за надворешно и агресивно рекламирање, задолжително GPS-следење на автоматите за игри на среќа и построги услови за добивање лиценци се дел од новите правила што ги носи новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој денеска го усвои Собранието.

Со новото законско решение се воспоставува нова рамка за регулирање на оваа област, со цел поголема заштита на граѓаните, особено на младите, намалување на сивата економија и поефикасен надзор врз приредувачите на игри на среќа. За првпат се регулираат и giveaway наградните игри, за чие организирање ќе биде потребна дозвола и ќе се плаќа соодветна давачка. Законот воведува и критериуми за интегритет и соодветност за лицата кои управуваат со компаниите што поседуваат лиценци.

Во делот на рекламирањето се забрануваат светлечки и агресивни реклами, како и рекламирање што ги претставува игрите на среќа како начин за финансиски успех или ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив. Секој автомат за игри на среќа, VLT и терминал за електронски игри ќе мора да биде поврзан со Управата за јавни приходи преку GPS-систем, со што ќе се овозможи поефикасна контрола.

Законот предвидува и повисоки казни, проширување на основите за одземање лиценци, како и построги услови за отворање нови деловни простории. Дел од приходите од игрите на среќа и понатаму ќе се наменуваат за поддршка на националните инвалидски организации, здруженијата за борба против семејното насилство и Црвениот крст.

Дајана Сандева, М-Нет