
Состојбата во Клиничка болница Штип после викендот е без драстични промени, но и без дополнително зголемување на бројот на хоспитализирани ковид – пациенти. Во последните 24 часа нема новопримени пациенти, нема ниту испишани. Со тоа бројката на хоспитализирани е 44 од кои 43 на Инфективното одделение и еден на Кожното, а дополнително шест лица се на дневна амбуланта. Од хоспитализираните 34 се на кислородна поддршка, а вакцинирани се девет лица. Слободни се 26 кревети за ковид – пациентите, 17 на Инфективното одделение и девет на Кожното. Битката со невидливиот непријател во изминатото деноноќие во штипската болница ја изгубиле две лица од Штип на 70 и 90 годишна возраст.
Во Кочани на Интерното одделение хоспитализирани се 14 пациенти, од кои осум се вакцинирани, а пет се на кислородна поддршка. Во последните 24 часа новопримено е едно лице, а испишано нема ниту едно. Слободни се 13 кревети, информираат од болницата.
Во општините од Истокот во моментов активни се 834 ковид – случаи, од кои најмногу во Кочани – 239, во Штип 223 и во Делчево 123. Во останатите општини од Истокот бројката е двоцифрена вклучувајќи го и Пехчево каде има активни 13 ковид – случаи.
Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.449.036 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 212.220, бројот на оздравени пациенти е 196.249, на починати е 7.436, а бројот на активни случаи изнесува 8.535.
Лаура Стојанова М-Нет