Во Штип е задоволен потребниот број пожарникари и нема недостаток од истите, ама опремата е стара повеќе од десетина години. Ова беше констатирано на денешниот работен состанок меѓу градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и претставници на Слободниот синдикат на пожарникарите. Главна тема на дискусија беа проблемите со кои тие се соочуваат, како што се платите, опремата, но и вработениот кадар.
„Наша обврска е во наредниот период да работиме во насока на подобрување на условите во оваа противпожарна единица, да ги почитувам законските обврски, да го усогласиме бодот за исплата на плати согласно Законот за пожарникарство. Во најава, во процес на постапка е набавка на возило за ТППЕ преку ИПА фондовите, којашто Општина Штип во наредниот период би го реализирала, со што би се подобриле условите. Разговаравме и за многу други теми на овој состанок, кои сметам дека ќе бидат за подобрување на состојбата, а граѓаните да имаат подобра услуга во едни неповолни услови“, истакна Јорданов.
Во однос на платите, наместо Општината да издвојува буџет за судски спорови и тужби од ТППЕ, Градоначалникот напомена дека ќе го усогласат законскиот бод за плати. Во однос на опремата, пак, напомена дека освен ново возило, ќе ја обноват и опремата, што ќе придонесе и за поголема безбедност. А пожарникарите се надеваат дека решенијата од денешната дискусија за кратко време ќе се видат во пракса.
„За жал немаме утврдено правилни со којшто се уредува времетраењето на користење на заштитната опрема. Таа е доста искористена, доста време не е сменета, конкретно во Штип има веќе десетина години, па и повеќе. Најголемиот грев, да се изразам така, е што во голем број од единиците се користи опрема којашто е донација, односно е носена од не знаеме кој“, рече претседателот на Независниот синдикат на пожарникари на Македонија, Тони Бошковски.
Во секој случај, од Синдикатот напоменаа дека состојбата со пожарникарите во цела држава е алармантна имајќи ја предвид важноста на нивното дејствување. Истовремено, намалениот број вработени и нивната небезбедност ја доведуваат во прашање и заштитата на граѓаните. А за ова како пример од Синдикатот ја посочија ситуацијата во Малешевијата, во која на виделина излегоа сите недостатоци.
Ребека Спасова МНет
